Макпетрол А подобар од Вардар А во дербито од пролетниот дел на МКЛ, Вардар Б подобар од Пелистер Пин во Битола

Во рамките на 10 коло од Македонската Кугларска Лига, кугларите на КК Варадар 2014 А го одиграа повратниот дерби натпреварот против КК Макпетрол-А. Нашиот тим во воведната серија успеа да изненади и да дојде до предност од 1 : 2 во сетови иако разликата од 16 поени беше на страна на домаќинот. Во првата серија Вардар настапи со Пецо Димовски, Бранко Митиќ и Димитар Димитровски. Искусните Митиќ и Димитровски во одлични дуели против репрезентативците Душко Ајдин и Младен Донковски успеаа да ги освојат бодовите за нашиот тим. Димитровски беше најдобар поединец во нашата екипа со резултат од 568 „соборени дрва“ и го обезбеди 2-рото место во тимот на колото.

Во вториот дел од натпреварот за нас настапија: Драги Ѓорѓиевски, Саша Јанковиќ и Дарко Димитровски. Вардарци храбро нападнаа во втората тура и дуелот беше неизвесен до самиот финиш. На сите патеки се водеше борба до последната кугла. За нас поентираше Ѓорѓиевски кој одлично му се спротивстави на уште еден од репрезентативците Ибрахим Мемеди. Дарко Димитровски иако имаше одличен настап не успеа да го надигра интернационалецот од Србија во редовите на противникот Дарко Марковиќ, но оствари резултат од 559 „чуњеви“ со што го завзеде 4-тото место во тимот на колото. Натпреварот го одбележа и повеќебројната публиката која дополнително ја подгреа атмосферата во кугларницата Мусандра. Сепак актуелниот шампион излезе како победник со резултат 5 : 3 во сетови и разлика од 36 „соборени дрва“ кои и беа пресудни за домаќините да го добијат дуелот. Вкупниот резултат беше 3264 поени за Макпетрол наспроти 3228 поени за екипата на Вардар. Отсуството на нашите првотимци Милош Миливојевиќ и Коста Манев се чини е и дел од причината што изненадувањето не беше целосно остварено. Борбата за поставените цели секако продолжува со дуел на 07.02.2023 кога нашиот А тим ќе го пречека Б тимот на Макпетрол во рамките од 11 коло на МКЛ.

Екипата на КК Вардар 2014 Б во рамките на истото коло гостуваше кај девојките од ЖКК Пелистер Пин во Битола. Вардарци во првата серија настапија со: Столе Ѓорѓиевски, Мартин Митиќ. По првата серија резултатот беше 1 : 1 во сетови, но домаќинките успеаа да направат разлика од 50 „соборени дрва“. Сетот за нашата екипа го освои Митиќ во доста неизвесен дуел со само „чуњ“ разлика.

Во продолжение на натпреварот за нас настапија: Влатко Стојановски и Зоран Ристиќ. Вардарците успеаа да ги добијат дватата сета во доста неизвесни дуели кои се одлучуваа во последните фрлања. Сега во сетови беше 1 : 3 за Вардар, но девојките сеуште имаа вкупна предност од 19 „соборени дрва“. Ристиќ кој направи солидни 552 беше најдобар поединец на натпреварот завземајќи го 6-тото место во тимот на колото.

Во последната серија за нашата екипа настапија: Влатко Гиевски и Ивица Петрески. Солидната игра на парот донесе нови 2 поена и разликата беше вратена. Конечниот резултат на гостувањето во Битола беше 1 : 7 во сетови односно 3125 наспрема 2384 „соборени дрва“ за нашиот тим. Иако резултатот укажува на голема предност тоа не вистински одраз на натпреварот. Екипата на Пелистер Пин покажа солидна и рамноправна борба за секој поен. Секоја чест за девојките кои се наметнуваат како рамноправен конкурент во МКЛ, иако се најмладиот клуб во првенството. Вардар Б следниот натпревар ќе го одигра со екипата на КК ГТЦ каде ќе се обиде да му „наплати“ на противникот кој го доби дуелот од воведниот дел од сезоната.

Линк до преглед на колото на страната на КФМ

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*